Познатиот албански писател Исмаил Кадаре е годинашен добитник на наградата „Прозарт“, која интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон книжевноста на Балканот. Кадаре е автор на повеќе светски познати книги, меѓу кои „Генералот на мртвата војска“, „Тврдина“, „Трострелниот мост“, „Пирамида“ и „Наследникот“.

Поради неможноста фестивалот да се одржи во вообичаениот термин на крај на мај, лауреатот ја доби наградата, која се состои од статуетка и паричен дел, во неговиот дом во Париз. Организаторите најавуваат дека 8. издание на фестивалот ќе се одржи наесен.

Во прозното творештво на Кадаре се преплетуваат минатото и современоста, митот и иронијата, индивидуалното и колективното, пренесени на многу специфичен стилски и јазичен идиом.

„Со голема чест му ја доделуваме наградата ‘Прозарт‘ на писателот кој ги обележа втората половина на минатиот век и почетокот на новиот век со провокативноста и компактноста на неговите книжевни остварувања“, стои во образложението на одборот за доделување на наградата, во состав Ермис Лафазановски, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.