АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА ЈА ПРОМОВИРА ВТОРАТА ЗБИРКА ПОЕЗИЈА НА 15 ЈУНИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Збирката поезија „Координати на болката“ на Александра Спасеска ќе биде промовирана на 15 јуни (сабота) од 19 часот во дворчето на кафе-книжарницата „Илика“ во Скопје. Промотор ќе биде Катерина Шекутковска, а стихови ќе интерпретира актерката Александра Стојановска.

„Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ беше нејзината прва објавена книга, во издание на „ПНВ публикации“ (2023). Спасеска лани ја доби наградата „Антев златник“.

„Авторката храбро ги истражува маркантните сцени, интимните односи и важните човечки фигури од сопствениот живот, правејќи ја поезијата сцена на која што се одвива рефлексијата на личното и колективното искуство. Спасеска во својата збирка гради мост помеѓу интимното и политичкото, внатрешниот и надворешниот свет, но и помеѓу родениот и избраниот дом, а со тоа и репрезентативно говори за искуствата на цели генерации“, стои во најавата на промоцијата.

Фото: Е. Богоева