Виктор Весково, пензиониран офицер на американската морнарица, наиде на неочекувано откритие кога зарони кон најдлабоката точка на Земјата, Маријански Ров во Тихи Океан. Тој се спушти до длабочината од речиси 10.927 метри, 16 метри пониско од рекордот на Дон Волш од 1960 година, објави неговата експедиција и таму го чекаше непријатно изненадување.
„Весково пронајде човечки отпад на океанското дно и се обидуваме да потврдиме дека станува збор за пластика“, изјави Стефани Фицџералд, портпаролка на експедицијата „Фајф дип“.
Во изминатите три недели беа изведени четири нурнувања со специјална подморница во Маријанскиот Ров, со цел да се соберат биолошки и карпести материјали. Весково помина четири часа на дното во опрема отпорна на огромниот притисок на таа длабочина.
Ова е трета експедиција кон најдлабоката точка на Земјата, а претходната ја изведе режисерот Џејмс Камерон, кој во 2012 година се спушти до 10.908 метри.