Американската инвестициска фирма „Редбрд капитал партнерс“ се согласи да го купи италијанскиот фудбалски првак Милан за 1,2 милијарди евра, најавувајќи негово враќање во европската фудбалска елита. Ова следува само неколку дена откако Милан ја освои првата титула во Серија А по 11 години пауза.
„Редбрд“ е инвеститор во спортската групација „Фенвеј“, која е сопственик на Ливерпул и на бејзбол тимот Бостон Ред Сокс.
Италијанските клубови во изминатите години станаа популарна цел на американските инвеститори зашто имаат помала вредност во споредба со англиските премиерлигаши.
Милан беше еден од водечките европски клубови додека негов сопственик беше Силвио Берлускони, но последен пат ја освои Лигата на шампионите во 2007.