Следната година, Бајага и „Инструктори“ го ќе прослават 40-тиот роденден. Концертот кој српскиот кантавтор и неговиот бенд го одржаа сношти (сабота) во салата „Јане Сандански“ во Скопје беше предвремено славење на јубилејот, и по повод 30 години од основањето на „Авалон“ продукција. Славенички беше и поради веселата и еуфорична публика која направи одлична атмосфера и ги испеа сите песни заедно со Бајага.
Момчило Бајагиќ сега има нови, помлади членови во бендот, освен Жика Миленковиќ и Саша Локнер кои се долги години со него, но ја има старата енергија и повеќе од два часа пее, очигледно со големо задоволство.
„Пеете најдобро на светот. Само оној кој не свирел никогаш во Скопје не знае дека пеете најдобро“, ѝ кажа Бајага на публиката, а меѓу многуте хитови ја испеа и неговата песна на македонски „Песна против малери“. Бајагиќ има верни фанови и никој случајно не му доаѓа на концертите. Четириесет години го градеше имиџот на „доброто момче од Земун“, и успеа да ја задржи популарноста само поради неговите песни, кои не се по секоја цена љубовни. Во секоја од нив, Бајага раскажува реална приказна од секојдневието или филмска, па затоа често неговите песни се користат и во филмови.
На речиси сите концерти, фановите од првите редови му нарачуваат песни, довикувајќи го насловот на нивната омилена како на пример „Руски воз“, или „Тамара“ кои Бајагиќ ги сочува за бисот.
Традиционално, главниот забавувач од бендот беше гитаристот Жика Миленковиќ, кој повеќето песни ги најавуваше на одличен македонски. „Да се потсетиме на иднината, враќајќи се во минатото“, кажа Миленковиќ како најава за една од песните.
„Бајага и ‘Инструктори’ траат, а годините поминуваат“, рече гитаристот. Оваа реченица е најдобриот опис за неговата музичка екипа и за концертот кој направи неколку илјади луѓе среќни.
М. ЏАРОВСКА