БЕСПЛАТНИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО ЛУКСЕМБУРГ НЕ ГИ ДАДЕ ОЧЕКУВАНИТЕ РЕЗУЛТАТИ, БРОЈОТ НА ПАТНИЦИТЕ ВО ВОЗОВИТЕ СЕ НАМАЛИЛ

Луксембург, (АФП)

Во 2020 Луксембург стана прва држава во Европа со бесплатен јавен превоз во обид да ги намали сообраќајниот метеж и аерозагадувањето, но оваа мерка не ги даде очекуваните резултати. Четири години подоцна, официјалните податоци на министерството за транспорт покажуваат дека бројот на патниците во возовите не пораснал, туку паднал под нивото од пред пандемијата, објавија локалните медиуми.

Со исклучок на возовите од прва класа, јавниот превоз во целиот Луксембург е бесплатен од февруари 2020. Во 2019, бројот на патниците во возовите изнесувал 25 милиони, што се намалило на 22 милиони во 2022.

Не се достапни статистичките податоци за патувањата со автобус, додека од јануари до октомври минатата година трамвајот го користеле 24 милиони луѓе, што е пет пати повеќе во споредба со 2017, кога беше воведен.

Обидувајќи се да ја трансформира земјата во јаглеродно неутрална економија, владата на Ксавиер Бетел инвестира 800 милиони евра годишно во јавниот превоз. Луксембург ја има најфинансираната трамвајска мрежа во Европа, која чини 500 евра по жител секоја година.