ПОЗНАТАТА СУКЊА НА САРА ЏЕСИКА ПАРКЕР ОД „СЕКСОТ И ГРАДОТ“ ЌЕ СЕ ПРОДАВА НА АУКЦИЈА

САД, (Си-Ен-Ен)

Една од сукњите што ја носеше Сара Џесика Паркер во првите епизоди на серијата „Сексот и градот“ ќе се најде на аукција. Белото балетско туту се очекува да се продаде за 8.000-12.000 долари кога ќе се најде на аукцијата на „Џулиен“ на 18 јануари.

„Тутуто стана симбол на поп-културата откако Паркер го носеше во улогата на Кери Бредшо во познатата ТВ-серија. Го купила костимографката на серијата Патриша Филд, која го нашла во корпа со производи од пет долари додека купувала за серијата во Њујорк“, велат од аукциската куќа.

Паркер го носеше тутуто во улогата на Кери Бредшо во познатата ТВ-серија (Фото: Алами)

Филд го објасни изборот во нејзината книга „Пат во градот: Мојот живот на модата, стилот и кршењето на сите правила“, чиј извадок беше објавен во „Вог“ во февруари 2023.

„Во кутијата со алишта на распродажба – трендови од минатите сезони, ѕиркаше бело туту како пенест бран во морето од отпадоци“, напиша Филд.

Тутуто се појави и во филмот „Сексот и градот“ од 2008 година, во сцена во која Кери го расчистува својот плакар и одлучува дали да задржи одредени облеки.