Британското дуо „Оејсис“ објавија предупредување против препродажба на билети за нивната повратна турнеја, откако некои беа препродавани за илјадници фунти во рок од неколку минути по претпродажбата.
Ограничен број фанови можеа да ја купат првата серија билети. Набргу потоа, билетите беа нудени на интернет за повеќе од 7.000 евра, околу 40 пати повеќе од вистинската вредност на билетите за стоење.
Бендот ги повика луѓето да не ги препродаваат билетите по повисоки цени на веб-страниците кои не се поврзани со нивниот промотор и рекоа дека тие ќе бидат „поништени“.
„Не само што постои шанса некои од овие огласи да бидат обиди за измама, туку дури и легитимните билети би можеле да бидат откажани, што ќе ги направи неважечки, ако се продаваат надвор од официјалните платформи за препродажба или по повисока вредност“, рече експертот за потрошувачко право Лиза Веб за Би-Би-Си.
Пред претпродажбата, промотерите рекоа дека билетите за стоење ќе чинат околу 180 евра додека стандардните билети за седење се движат од 85 до околу 240 евра. Цените за официјалните премиум пакети одат до 600 евра.
Околу 1,4 милиони билети се очекува да бидат достапни за 17-те концерти на отворено во Велика Британија и Ирска во јули и во август во 2025.