БИТОЛСКИТЕ АКТЕРИ МУ ЈА ПОСВЕТИЈА ПОБЕДАТА НА ФЕСТИВАЛОТ „СТОБИ“ НА ПОЧИНАТИОТ РЕЖИСЕР ИГОР ВУК ТОРБИЦА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Гран при наградата на Фестивалот на античка драма „Стоби“ ја доби претставата „Бакхи, краток преглед на распадот“ на Битолски театар. Уште две награди доби истата претстава: Игор Вук Торбица за најдобра режија и Викторија Степановска-Јанкуловска за најдобра женска улога.

Наградата за најдобра машка улога ја доби Зоран Љутков за претставата „Орестија“, копродукција на Велешки театар и Националната опера и балет. Иако со години настапува на фестивалот, тој се изземаше од конкуренција бидејќи беше и дел од организацијата, па годинава првпат е добитник на награда.

„Рамно на античка трагедија е тоа што вечерва не можам да бидам во Велес на доделувањето на наградите. Се надевам дека нема некоја група од калибарот на ‘Пинк Пантер’ да ја пресретне славеничката екипа на пат за Битола и дека дијамантите ќе стигнат до тие што им припаѓаат“, кажа во пишана форма Иван Јерчиќ, директорот на Битолски театар.

Оваа претстава беше победник и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп пред две години.

Во емотивното обраќање, актерката Илина Чоревска му се заблагодари на режисерот Игор Вук Торбица, кој почина пред една година.

„Голема тага е што Игор не е вечерва со нас тука. Драг мој Игор Вук Торбица, ти благодарам за ‘Бакхи’, ти благодарам што знаеше да ги споиш луѓето и длабоко се поклонувам пред тебе, твоето режисерско знаење и пред твоите прекрасни детски очи“, рече Чоревска.

Во чест на победниците се одигра претставата „Отело“, копродукција на Македонски народен театар и Народно позориште од Зеница.

П. ПЕЧКОВ