Со претставата „Орфеј” во изведба на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, синоќа се затвори 17. издание на театарскиот фестивал Скупи.
Фестивалот имаше и натпреварувачки карактер, па тричленото жири во состав Снежана Конеска-Руси, Вјољца Бектеши-Хамити и Теја Шугарева за најдобра претстава едногласно ја прогласи „Орфеј“ за „грандиозност во пропорциите на композицијата, необична структурална естетска целовитост на формата и тотална хармоничност на текст, драмска игра, музички партитури и визуелни ефекти“.
Специјалната награда „Луран Ахмети“ за најдобар актер му е доделена на Албан Укај за улогата на Стенли во „Трамвај наречен желба“, продукција на Сараевски воен театар.
Наградата за сценска игра ја добија актерките Пинар Акузу и Ѓулден Јануз за „нивната изразена актерска индивидуалност во претставата ‘Под замокот‘, во изведба на Истанбулскиот театар“.