ЧЕЛЗИ НЕ СМЕЕ ДА ПРАВИ ТРАНСФЕРИ И ДА ПРОДАВА БИЛЕТИ ОТКАКО АБРАМОВИЧ СЕ НАЈДЕ ПОД САНКЦИИ

Лондон, (АП)

Забрана за трансфери и за продажба на нови билети се меѓу рестрикциите што британската влада ги воведе за Челзи откако неговиот сопственик Роман Абрамович се најде под санкции поради руската инвазија на Украина. Европскиот и светски првак ќе работи под посебна владина лиценца која го спречува планот на Абрамович за продажба на клубот, кој, сепак, ќе смее да игра натпревари.

Британската влада денеска кажа дека Абрамович е олигарх близок до Кремљ и Путин и затоа мора да биде казнет. Тој досега не ја осудил руската инвазија.

Абрамович вложил повеќе од две милијарди фунти во Челзи откако го презеде пред 19 години и го направи еден од најдобрите клубови во Европа.

Според новите регулативи, клубот не смее да продава производи во своите фан шопови. За организирање на еден меч на „Стемфорд бриџ“ можат да се потрошат најмногу 500.000 фунти, а за патување на натпревар до 20.000 фунти.

Играчите, тренерите и други вработени ќе продолжат да примаат плати, чија сума изнесуваше 28 милиони фунти месечно во последниот извештај.