ЧУДОТО ОД ДЕТЕ СЕГА Е ЧУДО ОД ЧОВЕК, РЕЧЕ ПУБЛИКАТА НА КОНЦЕРОТ НА СТЕФАН МИЛЕНКОВИЌ И „ПРОФУНДИС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Чудото од дете сега е чудо од човек“, коментираа во публиката по концертот на српскиот виолинист со светска слава Стефан Миленковиќ, на 20 септември во Филхармонијата, со македонскиот камерен оркестар „Профундис“.

На популалрните класични дела кои Миленковиќ ги има свирено безброј пати и понатаму со големо внимание и страст им се посветува, а од друга страна личи како тоа да го прави со голема леснотија.

Неговото беспрекорно свирење одлично го надополни камерниот оркестар „Профундис“ со маестра Ѓурѓица Дашиќ. „Профундис“ и Миленковиќ за првпат свират заедно, а делуваше како да се тим долго време. Со делата на Чајковски, Паганини, Сен-Санс, Масне, Бацини, Сарасате и повеќе од дваесетте професионалци на сцената брзо влеговме во една магија од која потешко се излегува по концертот.

Фото: К. Попов

„Задоволство ми е што сум поврорно овде, меѓу пријатели. Ова што досега го свирев се бисеви, и веќе нема да свирам брзи дела“, рече Миленковиќ по првиот бис, и си направи мерак самиот на себе, а и на публиката со две дела од Бах, на двата биса. Заедно со маестра Дашиќ, по овациите од публиката излезе да се поклони неколкупати.

Непосреден и насмеан, виолинистот се пошегува дека треба побрзо да оди, оти се плаши да не затворат рестораните. Во претходно интервју, тој рече дека не му пречи кога публиката аплаудира меѓу ставови, а на оние кои поради воодушевување тоа го правеа на концертот, само со рака им покажа да почекаат уште пет минути.

Концертот почна со настап на оркестарот „Профундис“ со кој диригира маестра Ѓурѓица Дашиќ (Фото: К. Попов)

Миленковиќ е навистина чудо, не само поради музичкиот успех кој го постигна од дете. Активен по природа, тој има тренирано боречки вештини, учел да игра танго и вежбал јога. Неговата последна спортска гордост е триатлон трката „Ајронмен“ во Белград во која учествуваше на лошо време, пливаше на Ада Циганлија на 9 степени, а трката ја заврши за нешто повеќе од шест часа.

М. ЏАРОВСКА