СТЕФАН МИЛЕНКОВИЌ СО КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“ СО КОНЦЕРТ ПОД СВЕЌИ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Камерниот оркестар „Профундис“ утревечер (6 август) од 21 часот ќе одржи концерт со свеќи во предворјето на црквата „Св. Софија“ во рамките на 66. издание на Охридско лето. Специјален гостин ќе биде светски познатиот виолинист од Србија, Стефан Миленковиќ. Ќе диригира маестра Ѓурѓица Дашиќ,

Концертот ќе се одржи во амбиент осветлен со илјадници свеќи, концепт кој во последните години стана еден од најпопуларните светски формати за изведба на класична музика. На програмата се дела од Петар Илич Чајковски, Ралф Вон Вилијамс, Камиј Сен-Санс и Пабло де Сарасате.

„Концептот отвора нов простор за комуникација со публиката. Тоа не е само концерт, туку целосно искуство во кое музиката, атмосферата и просторот се надополнуваат. Особено ме радува повторната соработка со Стефан Миленковиќ, со кого имаме исклучителна музичка синергија“, вели диригентката Ѓурѓица Дашиќ.

Миленковиќ, кој повторно настапува со „Профундис“, вели дека секогаш со задоволство се враќа во Македонија.

„’Профундис’ е оркестар со извонреден квалитет, енергија и ентузијазам. Верувам дека амбиентот на ‘Св. Софија’, под отвореното небо и светлината на илјадници свеќи, ќе создаде навистина посебна атмосфера, во која публиката целосно ќе ѝ се препушти на музиката“, изјави Миленковиќ.

Камерниот оркестар „Профундис“ е основан во 2019 и за кратко време се етаблираше како еден од најактивните камерни ансамбли во Македонија, препознатлив по своите иновативни концертни проекти. Стефан Миленковиќ е еден од најреномираните светски виолинисти, со меѓународна кариера што трае повеќе од четири децении.