Вообичаено е државници да носат подароци кога одат во официјални посети, но данскиот премиер Ларс Леке Расмусен излезе од шаблонот и го изненади својот колега од Индонезија со она што најмногу го сака: добра музика.
Индонезискиот претседател Јоко Видодо е голем фан на хеви метал звукот и Расмусен покажа дека е запознат со тоа, кога на подарок му го донесе новообјавеното специјално издание на легендарниот албум на „Металика“ од 1986 година, „Господар на куклите“.
„Премиерот Расмусен знае која е мојата омилена музика“, се пофали Видодо на Твитер.
За да добие подарокот на уште поголема вредност, албумот беше потпишан од тапанарот на „Металика“, Ларс Улрих, кој е Данец по потекло.
„Вака е многу покул. Го потпишав албумот што премиерот Расмусен му го подари на претседателот Видодо, кој е голем фан на рок музиката и дојде на нашиот концерт во Џакарта во 2013 година“, изјави Улрих.