ДЕДО МРАЗ НА МОТОР ПРИСТИГНА ВО КУМАНОВО

Куманово, (СМАРТ СДК.МК)

Дедо Мраз со неговите придружници денеска напладне со мотор пристигна на Градскиот плоштад во Куманово. На децата им подари играчки, бомбони, чололада и балони, а потоа новогодишната мисија ја продолжи во Центарот за лица со попреченост.

Манифестацијата „Дедо Мраз на мотор“ трае веќе 11 години, а ја организира мотоклубот „Мечки“. Со сопствени средства и со помош на нивни пријатели, купуваат подароци за најмалите и на посебен начин им ги честитаат новогодишните празници.

„Ова е веќе традиција во градот. Ова е време кога сите треба да бидеме среќни и затоа сакаме да предизвикаме насмевка кај сите деца кои денеска се присутни. Немаме точна бројка колку подароци ќе поделиме. Повеќето деца се радуваат кога ќе го видат Дедо Мраз, но има и такви кои се плашат, но тоа е повеќе од звукот на моторот“, вели Виктор Михајловски, член на „Мечки“.

Родителите кои ги доведоа своите деца на Градскиот плоштад велат дека идејата на моторџиите е одлична.

„Убава манифестација е и родителите уживаат во оваа несекојдневна глетка од толкав број мотори. Секоја чест на моторџиите, заслужуваат секоја почит. Моето синче Младен доби подарок и многу се израдува, затоа што е од Дедо Мраз“, вели еден од родителите.

На настанот дојдоа и гости од Скопје, Свети Николе и од Србија.

С. НИКОЛИЌ