ДЕЛА ОД 10 УМЕТНИЦИ ИЗЛОЖЕНИ ВО ОТВОРЕНА ГАЛЕРИЈА ВО ЧАШКА

Велес, (СМАРТ СДКК.МК)

Во Чашка е отворена изложбата „Галерија под отворено небо“ во организација на интердисциплинарниот уметник Драганчо Таневски. Изложени се 12 дела од 10 уметници, работени во различни техники, меѓу нив и една концептуална инсталација.

Авторот на изложбата вели дека почувствувал потреба за пласирање на ликовната уметност во Општина Чашка.

„На изложбата претставуваме автори од една генерација, со кои бевме колеги на Факултетот за ликовни уметности, со некои и од средното ликовно училиште. Преку ‘Галеријата под отворено небо’ директно ја носиме уметноста пред граѓаните на Чашка. Изложбата има своја карактеристика, се вклопува во јавниот простор, со цел уметноста да биде подостапна и повидлива“, кажа Таневски.

На групната изложба учествуваат авторите Ана Трајковска, Сали Ертунч, Ана Спасова, Доротеј Нешовски, Сања Симоска, Бранкица Јордановска, Ѓоше Манчев, Ивана Самандова, Елена Димова Пантелиќ и Драганчо Таневски. Во зависност од временските услови, изложбата ќе биде поставена одреден временски период.

П. ПЕЧКОВ