ДЕЛА ОД АПСТРАКТЕН ИМПРЕСИОНИЗАМ НА ЈОРДАН ЃОРЧЕВ ИЗЛОЖЕНИ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Сликар, карикатурист, писател се дел од авторските обележја на Јордан Ѓорчев од Свети Николе, кој отвори самостојна изложба во Ликовниот салон во Велес, насловена „Храбриот нов свет“. Тој се претстави со 30 дела акрил на платно, создадени минатата година. Промотор беше поетот Христо Петрески.

„Ѓорчев е, пред сѐ, писател, потоа карикатурист, па сликар. Овие 30 апстракции се убав пример за асоцијативно сликарство. Во овие ликовни дела има многу поезија, многу лирика, изразит колирит, кој е израз на чисти и јарки бои. Ова се дела кои се создаваат импулсивно во еден миг, па и самиот автор е изненаден од тоа што го создал. Кај овие слики не станува збор за претходни концепти и скици, туку за желба, копнеж, мечта. Освен иницијалната каписла на почетокот, сѐ натаму е неизвесно и резултат на една спонтаност“, кажа Петрески.
Ликовниот салон беше исполнет со почитувачи на Ѓорчев, кои му дадоа поддршка во неговото творештво.

„Ова што јас го творам спаѓа во апстрактен експресионизам, актуелен после Втората светска војна, посебно во САД.Овој правец и денес е актуелен и најмногу популарен. Моите афинитети се токму во овој вид сликарство. Сето ова што го работам е уживање во творењето, дел од природата на еден човек“, кажа Ѓорчев.

П. ПЕЧКОВ