ДЕСОНАНЦ СЕ ЗАТВОРА СО ПРЕМИЕРА НА БАЛЕТСКО-ТАНЦОВИОТ ПЕРФОРМАНС НА ИВАНА КОЦЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот на современа електронска музика Десонанц оваа година ќе има малку поинакво затворање на својата програма.

Тоа ќе биде со уникатен мултимедијален балетско-танцов перформанс, што вечерва премиерно ќе се изведе во Младински културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот. Наречен „Кинтсуги“, станува збор за проект конципиран од балерината Ивана Коцевска, која во претставата настапува заедно со танчарот Валентино Апостоловски.

„‘Кинтсуги‘ е претстава за траумите, повредите и навредите кои оставаат лузни, од кои не треба да бегаме. Напротив, ги прифаќаме и ги носиме со гордост, бидејќи тие се нешто што нѐ оформуваат“, се вели во најавата на претставата.

Музиката е дело на Димитар Николов, а кореографијата е на Милена Атанасова.

По претставата, ќе настапат германскиот музичар ОАКЕ и француското електронско дуо „Парелик шел“.