ДЕЦЕНИЈАТА ШТО ИЗМИНУВА БИЛА НАЈТОПЛА ВО ИСТОРИЈАТА

Мадрид, (Би-Би-Си)

Научниците се речиси сигурни дека периодот од 2010 до 2019 година ќе биде најтоплата деценија во историјата, имајќи ги предвид просечните температури. Првичните податоци на Светската метеоролошка организација (СМО), објавени на двонеделната конференција за климата во Мадрид, кажуваат дека 2019 ќе биде втора или трета најтопла година досега.

„Исклучителната глобална топлина е последица на емисиите на стакленички гасови“, вели СМО.

Нејзиниот годишен извештај за климата го покрива периодот до октомври и во него се вели дека просечната глобална температура била за 1,1 Целзиусов степен над основното ниво во 1850 година.

Голем број региони оваа година искусиле температурни шокови, па Јужна Америка, Европа, Африка, Азија и Океанија биле потопли од својот просек, додека делови на Северна Америка биле постудени од вообичаено.

Два големи брана жештина ја погодија Европа во јуни и јули, при што рекордно високи температури биле регистрирани во Франција, Белгија, Холандија, Луксембург, Германија и во Велика Британија, но и во Австралија, која со недели се бореше со пожари.

Од 1980-ите, секоја наредна деценија била потопла од претходната.