Утре во 12 часот, во Турскиот театар (кој ја користи сцената на Театар Комедија) премиерно ќе се изведе претставата за деца „Девојчето со кибритчиња“, според текстот на Ханс Кристијан Андерсен.

Режијата е на Емине Халил, дипломирана актерка која од скоро е вработена во Турскиот театар. Таа вели дека текстот е секогаш актуелен и дека претставата треба да ја гледаат децата кои се постојано на нивните телефони и таблети.

„Пораката на оваа претстава е дека луѓето не секогаш го добиваат тоа што го сакааат“, рече Халил и додава дека ова ѝ е прва режија и дека глумата, сепак, ѝ е подрага.

Халил, која ја игра и главната улога, се заблагодари на колегите Несрин Таир, Осман Али и Сенап Џанет за помошта во подготвувањето на претставата.

Во претставата играат и Хакан Даци, Сара Јусуф, Жале Османи, Бурак Рахман, Метин Ибрахим, Озел Асанов, Слаѓана Вујошевиќ и Едис Мусиќ.

Б. НЕСТОРОСКА