ЏЕФ БЕЗОС ЌЕ ЈА ПОМОГНЕ БОРБАТА ПРОТИВ КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ СО 10 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Шефот на „Амазон“ и најбогат човек на светот Џеф Безос вети дека ќе донира 10 милијарди долари за борбата против климатски промени. Тој кажа дека со овие пари ќе ја финансира работата на научници, активисти и на други групи, а ќе ги дистрибуира во текот на летото.

„Сакам да помогнам да се зајакнат веќе познати начини и да се истражат нови начини на справување со уништувачките ефекти на климатските промени“, напиша Безос на Инстаграм.

Имајќи предвид дека неговото богатство се проценува на 130 милијарди долари, тоа значи дека тој ќе донира 8% од него.

Во споредба со некои други милијардери, Безос не се истакнува многу во филантропски активности. Неговата најголема донација досега беше две милијарди долари за помош на бездомни семејства и за финансирање училишта во 2018 година. Тој исто така не се придружи на иницијативата „Giving Pledge“, со која голем број милијардери се обврзаа дека ќе донираат половина од своето богатство додека се живи.