ДОДЕКА НБА-ЛИГАТА ПАУЗИРА, МАРК ГАСОЛ СПАСУВА МИГРАНТИ ОД СРЕДОЗЕМНО МОРЕ

Мадрид, (Гардијан)

Шпанската кошаркарска ѕвезда Марк Гасол ја користи летната пауза во НБА-лигата за да помага на мигранти кои преку Средоземно Море се обидуваат да пристигнат во Европа.

Заедно со брат му Пау, Гасол се придружи како волонтер на невладината организација „Оупен армс проактива“ и оваа недела учествуваше во спасувањето на жена од Камерун, чиј брод потона на стотина километри од либиското крајбрежје.

Таа била пронајдена откако 48 часа пловела фатена за парче дрво, додека, истовремено, околу неа биле собрани и две мртви тела, вклучувајќи мало дете.

„Имаше парчиња дрво и облека наоколу во водата. Потоа видовме жена како се држи за парче дрво. Беше многу слаба и во шок. Се држеше за тоа дрво со последните атоми на силата и така пловела 48 часа. Си помислив колку сила имало во таа жена. А, потоа почувствував гнев“, изјави Гасол.

Иако голема НБА-ѕвезда, Гасол активно учествува во спасувачките акции. Токму тој се фрлил во морето да ја извади жената и да ги собере телата.

„Таа ќе умреше за неколку минути, ако не интервениравме“, вели тој, додавајќи дека во прв момент не сакал да се дознае за неговите активности.

„Овој проблем е преважен за да не му се каже на светот. Веќе не можев да молчам“.

Браќата Гасол, исто така, имаат фондација со која се помагаат најсиромашни деца низ светот, но Марк одлучил и подиректно да се вклучи и затоа испловил со бродот на „Оупен армс“.

„Одлично е што го имаме Марк на бродот. Сечија помош е добредојдена. Важно е луѓе како Марк да зборуваат за ова“, изјави Рикардо Гати, шефот на мисијата на „Оупен армс“.