ДОНАЛД ТРАМП ДОБИ СВОЈА РОБОТСКА ВЕРЗИЈА

Лос Анџелес, (Лос Анџелес тајмс)

По неколку одложувања, роботската верзија на Доналд Трамп, конечно, пристигна во претседателската сала на славните во Светот на Волт Дизни. Како и неговите претходници Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама, и тој зборува.

Со препознатливите фризура, раскопчано палто и долга кравата, Трамп беше поставен веднаш до седнатиот Абрахам Линколн.

„Пред сѐ, да се биде Американец значи да се биде оптимист, да се верува дека секогаш можеме подобро и дека најдобрите денови за нашата голема нација се сѐ уште пред нас. Привилегија е да се биде претседател на САД, да се биде меѓу сите овие големи лидери од минатото и да се работи во интерес на американскиот народ“, вели роботизираната фигура на Трамп.

Претседателската сала на славните, која сега брои 44 роботи, е една од четирите теми во забавниот парк во Орландо, Флорида, основан од компанијата „Дизни“ во 1971 година. Тој беше затворен заради реновирање на 17 јануари, три дена пред инаугурацијата на Трамп, со цел, како што објави, „да се подготви за новиот претседател“.