Една од најголемите колекции на праисториска карпеста уметност на светот е откриена во амазонските дождовни шуми.
Опишана како „Систинска капела на древните луѓе“, археолозите пронашле десетици илјади цртежи на луѓе, животни и геометриски облици во разни големини, создадени пред 12.500 години на карпите што се протегаат на речиси 13 километри во Колумбија. Нивната старост е проценета делумно врз прикажувањето на сега исчезнати животни од ледено доба, како мастодон, праисториски роднина на слонот, кој лутал низ Јужна Америка до пред 12.000 години.
Овие животни биле видени и насликани од некои од првите луѓе кои стигнале во Амазонија и сликите даваат мал увид во изгубена, древна цивилизација. Нивниот обем е толку голем што ќе требаат децении за да се проучат, велат археолозите.
Ова било откриено минатата година, но досега се држело во тајност, зашто е снимено за новата серија „Jungle Mystery: Lost Kingdoms of Amazon“, што ќе почне да се прикажува на „Ченл 4“ овој месец.
„Новата локација е толку нова, што засега нема ни име“, вели презентерката на серијата Ела Ал-Шамахи.
Цртежите биле откриени од британско-колумбиски тим, чиј лидер е Хосе Иријарте, водечки експерт за Амазонија и предколумбиска историја. Локацијата е толку зафрлена, што по два часа возење, археолозите и филмската екипа морале да пешачат уште четири часа.
„Зборуваме за десетици илјади цртежи. Каде и да се свртиш, има нов ѕид со дела. Почнавме да гледаме животни што се одамна исчезнати. Сликите се толку природни и толку добро и детаљно направени, па лесно се препознава што прикажуваат. Некои од цртежите се направени толку високо, што можат да се видат само со дрон“, вели Иријарте.