КАСЕТА СО НЕОБЈАВЕНИ ПЕСНИ ОД „РЕЈДИОХЕД“ СЕ ПРОДАВА ЗА 2.000 ФУНТИ

Лондон, (Скај)

Демо касета со необјавени песни од „Рејдиохед“ ќе се продава на аукција овој месец. Касетата, која била снимена додека групата се нарекувала „On A Friday“, содржи шест песни, од кои три никогаш досега не биле пуштени во етер.

Рачно напишани забелешки и лого дизајнирано од фронтменот Том Јорк се дел од пакетот со касетата, која се очекува да се продаде за 2.000 фунти.

Продавачот на касетата, кој сакал да остане анонимен, кажал дека ги познавал членовите на групата во раните 1990-ти и дека касетата му ја дал еден од нив.

„Песните се необработени, но сигурно го навестуваат фантастичниот потенцијал кој групата го разви неколку години подоцна“, изјави аукционерот Пол Ферведер.