ЕВРОПСКА УНИЈА ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА СТАНЕ ЈАГЛЕРОДНО НЕУТРАЛНА ДО 2050 И УСВОИ ЗЕЛЕН ПЛАН ОД 100 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Брисел, (Би-Би-Си)

Лидерите на Европската Унија се согласија да го направат сегашниот блок од 28 држави јаглеродно неутрален до 2050 година.

На ова единствено се спротивстави Полска, која на големо е зависна од јаглен, од кој добива 80% од струјата, па таа засега е изземена од договорот.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел призна дека на некои земји и региони ќе им биде потешко да се адаптираат. Неколку источноевропски земји барале финансиски и други гаранции пред да се согласат со политиката на намалување на емисијата на стакленички гасови до нула. Чешка и Унгарија го прифатиле договорот дури откако добиле уверувања дека можеби нема да мора да се откажат од нуклеарната енергија.

Новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера го претстави 100 милијарди евра вредниот Европски зелен договор, опишувајќи го моментот како „искачување на Месечината“.

Договорот на ЕУ за јаглеродна неутралност беше усвоен по десетчасовна дебата.

„Климатска неутралност до 2050 година е наша заедничка цел. Сепак, во овој момент, една држава не е во можност да се обврзе на оваа цел, но Европскиот совет повторно ќе дискутира за ова во јуни“, кажа Мишел, без да ја именува Полска.

Климатска неутралност значи балансирање на штетните емисии со отстранување на загревачките гасови од атмосферата, за што едно од решенијата е садење нови шуми.