Во тек е Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge), на кој најпосветениот гледач на европски филмови ќе биде награден со патување на реномираниот филмски фестивал Берлинале (16-26 февруари), велат од Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“.
Предизвикот е за десет недели да се изгледаат десет европски филмови на фестивали, телевизија, легални онлајн платформи или во кино, за што се добиваат поени.
Годинашниот предизвик е и поддршка за многуте македонски филмови кои од оваа есен играат во кината и тие се вреднуваат со дополнителни 10 поени.
Првиот чекор кон учеството е регистрирањето на europeanfilmchallenge.eu/mk/login, за што е потребно да се има најмалку 18 години.
Проектот трае до 29 јануари, а во земјава го спроведува „Блинк 42-21“, заедно со европски партнери во 13 држави.