ФЕСТИВАЛОТ НА АНТИЧКА ДРАМА „СТОБИ“ ПОЧНУВА НА 3 АВГУСТ, НАГРАДЕНИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИЈАМАНТ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

По две години пауза, од 3 до 17 август ќе се одржи Фестивалот на античка драма „Стоби“, што од годинава го организира Центарот за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Фестивалот одбележува полнолетство, бидејќи се одржува по 18. пат.

„Публиката ќе види 12 настани во 14 дена. Во рамките на официјалната програма, предвидени се седум претстави, две ќе се одржат во локалитетот Стоби, а останатите на сцената во Велешки театар“, кажа директорот на Велешки театар, Сашо Димовски.

Премиерно, на отворањето ќе биде прикажана претставата „Орестија“ во траење од три часа, копродукција на Велешки театар и Националната опера и балет. На програмата се и претставите „Исмена“ на Велешки театар, „Орестија 1/4“ на МКЦ Скопје, „Протеј, парче сеќавање кое недостасува“ на Театар ам Ленд од Грац, „Бахки, краток преглед на распадот“ на Народен театар во Битола и „Едип: коментари“, премиера на НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип. Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Отело“, копродукција на „Перипетија“, МНТ и Народно позориште во Зеница, која ќе биде изведена во чест на лауреатите. Селектор на годинашното издание на фестивалот е Сашо Димоски.

„Орестија„ и „Протеј“ ќе се одиграат во локалитетот Стоби на просторот на Теодосијанската палата, со присуство на 200 гледачи. Амфитеатарот и оваа година се реконструира, па поради безбедноста на гледачите, пронајден е алтернативен простор за овие две претстави. Во големата сала на театарот, претставите ќе ги следат по стотина гледачи.

Билетите за фестивалот се по цена од 200 денари. Наградените нема да добијат статуетка „Менада“, туку по еден дијамант, подарок од „Божиновски“.

П. ПЕЧКОВ