ФЕСТИВАЛОТ ЗЛАТНА ЛИРА ПО 17. ПАТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот на камерна музика Златна лира ќе се одржува од 16 до 31 октомври во Музејот на македонската борба.

Во рамките на фестивалската програма ќе има девет камерни концерти. Настапуваат тенорот Михајло Арсенски во придружба на пијанистот Дино Имери, кои ќе го отворат фестивалот на 16 октомври, пијанистките Хајди Елзесер и Јасмина Трајческа и камерните дуети Љупчо Коскаров (труба)-Дарко Мариновски (пијано), Ристо Ѓоревски (кларинет)-Елена Атанасовска-Ивановска (пијано), Александра Коцевска (мецосопран) во пијано придружба на Глигор Гелебешев, Момчило Куфојанакис (виолина)-Весна Ангеловска-Христов (пијано) и Даниел Апостолов (фагот)-Дарко Мариновски (пијано).

Ќе учествуваат и младите уметници Мерт Рустемов (кларинет), Мевљут Асаноски (кларинет), Ѓорѓи Димовски (пијано) и Арсени Ангелески (пијано).
Свеченото затворање на фестивалот е на 31 октомври со настапот на фаготистот Даниел Апостолов и пијанистот Дарко Мариновски.

Оваа година, наградата „Златна лира“ за успешна работа во текот на изминатата година ќе му биде доделена на триото „Аура“, во состав Ана Гацева – пијано, Страшо Темков – флејта и Марјан Милошевски – фагот, додека наградата за животно дело ќе ѝ биде врачена на пијанистката, професорка по пијано и публицистка Снежана Анастасова-Чадиковска.

Фестивалот Златна лира се реализира во соработка и со поддршка на Министерството за култура, Факултетот за музичка уметност во Скопје, Сојузот на композитори на Македонија и фестивалот Охридски бисери.