ФОНДАЦИЈАТА „ЃОРЃИ МАРЈАНОВИЌ“ ОРГАНИЗИРА НАТПРЕВАР ВО РАСКАЖУВАЊЕ КНИГИ ЗА ОСНОВЦИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ организира натпревар во раскажување прочитани книги за децата од основните училишта. Од Фондацијата велат дека целта е поттикнување на младите да читаат книги наместо да поминуваат време на мобилен телефон.

Бројни научни студии покажаа дека изобилството информации достапни преку интернет, компјутери, мобилни телефони и социјални мрежи негативно влијаат на концентрацијата, фокусот и социјалната интеракција. Ова резултира со пад на читањето книги, особено во печатен формат и предизвика загриженост за вештините на учениците да читаат со разбирање.

„За да се справи со овој проблем, Фондацијата ‘Ѓорѓи Марјановиќ‘, со одобрување од Министерството за наука и образование, ќе реализира натпревар во раскажување прочитани книги, на кој ќе можат да учествуваат деца од сите основни училишта во земјава. Проектот има за цел да ја подобри јазичната писменост, да го подобри читањето со разбирање, да развие вештини за вербално изразување и стекнување навика за читање кај учениците“, велат од Фондацијата.

Учесниците ќе читаат книги по свој избор и потоа ќе ги раскажуваат пред публика составена од 3-4 деца на иста возраст, при што родителите ќе ги снимаат изведбите на мобилни уреди и ќе ги објавуваат на веб-страницата на натпреварот (www.fgm.org.mk). Натпреварувачите ќе добиваат поен за секоја прочитана книга, а на крајот од годишниот циклус, оние со најголем број прочитани книги ќе се натпреваруваат на настан во живо.

Прво, второ и третопласираните ќе добијат награди од 40.000 денари, заедно со вредносни ваучери од спонзори.