ФОТОГРАФИЈА ОД ГАЛАКСИЈАТА КАКВА ШТО БИЛА ПРЕД 13 МИЛИЈАРДИ ГОДИНИ ИСПРАТИ ТЕЛЕСКОПОТ „ЏЕЈМС ВЕБ“

САД, (АП)

Телескопот „Џејмс Веб“, најмоќниот кој некогаш бил поставен во вселената, ја испрати најчистата фотографија досега од раниот универзум, каков што бил пред 13 милијарди години, соопшти НАСА. Неверојатната фотографија, објавена вчера од Белата куќа, е преполна со илјадници галаксии и на неа можат да се видат најдалечните објекти, обоени во сини, портокалови и бели бои.

Познато како Прво длабоко поле на Веб, го прикажува галаксискиот кластер SMACS 0723, кој делува како гравитацискаа леќа, превиткувајќи ја светлината од подалечните галаксии зад себе кон опсерваторијата, во ефект на космичко зголемување.

„Фантастично- галаксија, по галаксија, по галаксија“, изјави Џонатан Лунин, шеф на катедрата по астрономија на Универзитетот Корнел. „Иако тоа не е најдалеку што може да види Веб телескопот, тоа е најдлабоката фотографија било кога направена, и ја покажува силата на овој неверојатен телескоп: неверојатна чувствителност, голем опсег на бранови должини и голема јасност на фотографиите“, вели тој.