Францускиот фудбалски репрезентативец Антоан Гризман се извини откако беше жестоко нападнат што се маскирал како црномурест кошаркар за една забава на тема 80-ти години.
Фотографијата што ја објави на социјалните мрежи предизвика низа негативни коментари, при што некои го окарактеризираа изборот на неговата маска како расистичка. Тој стави црна перика и си ги бојоса лицето и телото во црно, но под притисок на јавноста, потоа ја избриша фотографијата од Твитер.
„Смирете се пријатели! Јас сум голем фан на Харлем глобтротерс и на таа голема ера. Ова е еден вид посвета“, одговори Гризман во прв момент, за потоа да се извини.
„Сфатив дека ова беше нечувствително од моја страна. Ако сум навредил некого, се извинувам“, напиша тој.
Еден од оние кои го искритикуваа напаѓачот на Атлетико Мадрид беше британскиот парламентарец Дејвид Лами.
„Постојат голем број други идеи како да се маскирате за забава, а тие да не вклучуваат црно лице. Не ми се верува дека ова се случува во 2017 година“, напиша Лами на Твитер.