Македонскиот народен театар (МНТ) со претставата „Галеб“ од Чехов, во режија на Нина Николиќ, утре ќе гостува на 27. Интернационален театарски фестивал „Варненско лето“ во Варна, а на 13 јуни е во Софија, на 13. издание на платформата „Светскиот театар во Софија“.
Гостувањето се реализира на покана на фондацијата „Виа фест“. Во бугарските медиуми претставата „Галеб“ е најавена како „ново читање на класичното дело од страна на младата режисерка Нина Николиќ, кој е впечатлив со своите оригиналност и современа визија“. Претставата ќе се изведе во театарот „Стојан Бачваров“ во Варна и во Младинскиот театар „Николај Бинев“ во Софија.
Фестивалот „Варненско лето“ е еден од најзначајните театарски настани во Бугарија. Годинава се одржува од 1 до 14 јуни и секоја година привлекува околу 10.000 посетители. На платформата „Светскиот театар во Софија“ (2-13 јуни) гостуваат и театри од Италија, Белгија, Русија, Франција и Грција.
Во претставата играат Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Славиша Кајевски и Аксел Мехмед.