Десетина домашни и странски уметници учествуваат на Ликовната колонија Галичник, која се одржува од 12 до 20 август.
Секоја година колонијата има тема, а оваа година, како што велат организаторите, фокусот е на Колонизација/Деколонизација на природата, како многу важно прашање во еколошката, политичката и проблемите со доминацијата на Капиталот(во ерата на Капиталоценот) кои се наметнаа како сериозен интерес во областа на современата уметност и нејзините транс-тактики.
„Зошто е ова важно за глобалниот процес на (еколошка) ментална трансформација кон посвесни општества и нејзината иднина?“, стои во најавата за колонијата.
Според организаторите, годинава се менува медиумот на колонијата кој ќе се движи во насока на дигиталната уметност и новите медиуми како интернет уметност, компјутерската уметност, дигиталната фотографија и графика, видео инсталациите, виртуелната реалност.
Ќе учествуваат уметниците Аница Вучетиќ (Србија), Јелена Владушиќ (Србија) Калин Серапионов (Бугарија), Пенка Минчева (Бугарија), Ефи Фурики (Грција), Фуруја Такахиса (Јапонија), Ларс ден Хертог (Холандија), Ил Џафери (Косово), Иван Блажев (Македонија) и Филип Велковски (Македонија).