Руските власти испратија тим од специјалисти во оддалечен арктички регион за да успијат и отстранат педесетина гладни поларни мечки, кои окупираа цело гратче. Ова уследи откако властите на архипелагот Новаја Землја, кадешто живеат околу 3.000 луѓе, упатија апел за помош.

„Никогаш досега немало ваква масовна инвазија од поларни мечки. Тие буквално ги бркаат луѓето и им влегуваат дома“, изјави Жиганша Мусин, шефот на локалната администрација.

За целиот регион е прогласена вонредна состојба.

„Луѓето се уплашени и страв им е да излезат од дома. Родителите не си ги пуштаат децата на училиште“, кажа Александер Минаев, заменик-шеф на регионот.

Руската агенција „Тас“ објави дека ниту кучињата не успеале да ги избркаат мечките, кои барале храна на локална депонија. Русија ги прогласи поларните мечки за загрозен вид и тие не смеат да се убиваат.

Во 2016 година, петмина научници речиси две недели биле под опсада од поларни мечки во една метеоролошка станица на Новаја Землја.