ЗЛАТНИТЕ МАСКИ ОД ТРЕБЕНИШТЕ ПО 100 ГОДИНИ ПРВПАТ ЗАЕДНО ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

За првпат по 100 години, златните маски од Требениште заедно ќе бидат изложени на почетокот на март во Археолошкиот музеј во Скопје.

Изложбата „100 години Требениште“, со над 400 артефакти од богатата некропола во Охрид, две години ја подготвуваат најголемите археолошки институции од Македонија, Србија и Бугарија.

„Изложбата е првенец по многу нешта. Првпат во историјата на трите институции, но и првпат во историјата на истражувањата на Требениште, ексклузивните наоди што се наоѓаат во Софија, Белград и Охрид се обединуваат во оваа изложба“, вели директорот на Археолошкиот музеј, Горан Санев.

Гостите од Националниот институт и Музеј при Бугарската академија на науките, директорот на Археолошкиот музеј во Скопје Горан Санев и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова (Фото: К. Попов)

Некрополата Требениште, која се наоѓа кај селото Горенци во близина на Охрид, била случајно откриена во 1918, при копање ровови од бугарски војници. Бројните златни, сребрени и бронзени предмети од гробовите биле пренесени во Музејот во Софија, каде и денес се наоѓаат. Наодите од истражувањата во 1932 и 1934 се чуваат во Народниот музеј во Белград.

Меѓу бројните луксузни предмети се и прочуените четири златни маски, од кои две се изложени во Националниот институт и Музеј при Бугарската академија на науките во Софија, а две во Народниот музеј во Белград. Наодите датираат од 6. век пред н. е. И наодите што се наоѓаат во Охрид исто така ќе бидат дел од изложбата. Меѓу нив е и златната маска најдена кај Горна Порта во 2011.

Изложбата ќе трае до крајот на август, а во 2020 и 2021 ќе биде поставена во Софија и Белград. Санев вели дека интерес пројавиле и археолошките музеи од Париз, Берлин, Виена и Загреб.

Б. НЕСТОРОСКА