Претставата „Хамлет“ од Вилијам Шекспир, во режија на Милош Б. Андоновски, вечерва во 20 часот премиерно ќе се изведе во Театарот на Навигаторот Цветко (Кино Култура). Драматург е Ивана Нелковска, а играат Симона Спировска, Мартин Манев, Симона Димковска, Горан Ников, Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Јеткин Сезаир и Дени Стојанов.
Ликот на Хамлет првпат во Македонија ќе го игра актерка (Спировска), а за текстот драматургот Нелковска вели:
„Безвременскиот Хамлет непрестано ги поставува своите прашања, ги менува своите форми на сцените низ светот, за во Скопје, во 2018 година, да го заземе сегашниот изглед и да поставува прашања за времето што било и за времето што е сега“.
„Да се биде или не“, според режисерот, во оваа претстава не одекнува како прашање, туку како одговор.
„Прашањето кое се поставува е ‘Како да бидеме?‘ Претставата е истовремено и мека и цврста, и елегантна и груба со својата жестокост. Ова е прва независна постановка на ‘Хамлет’ во Македонија и го прикажува политичкото будење на младиот човек“, вели Андоновски.
Претставата е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“, со кој Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура поттикнуваат нова театарска продукција и афирмираат млади автори.
Кореографијата е на Александра Петрушевска, музиката на Александар Гроздановски, а костимите на Марта Дуфне.