Холандската амбасада во Скопје организира креативен натпревар за ученици од 13 до 19 години наречен „Јас против корупцијата“ (#MeAgainstCorruption). Победниците ќе добијат ваучери кои можат да се искористат за набавка на техничка опрема. За првото место се добива 500 евра, 300 второто и 200 евра е наградата за третото место.
За учество на натпреварот треба да се испрати видео кое претставува нечиј личен став за тоа како да се запре или реши проблемот со корупцијата во земјата. Сите видеа треба да бидат во формат 9:16 (вертикален), со максимална должина од една минута. Видеата можат да се испраќаат на сите јазици што се зборуваат во Македонија, титлувани на англиски, преку WeTransfer на мејлот [email protected].
Конкурсот започна на 7 ноември, а завршува на 20 ноември.
Добитниците на наградите ќе бидат објавени на 7 декември. Наградите ќе бидат доделени во Амбасадата на Кралството Холандија на 11 декември. Од амбасадата велат дека ако победникот е малолетен, родител или законски старател мора да присуствува на подигањето на наградата.