Исланѓани жалат за загубата на глечерот Окјокул, кој умре по 700 години постоење. Тој и официјално беше прогласен за мртов во 2014 година, кога веќе не бил доволно густ за да може да се движи. Од него сега е останато само мало количество мраз на врвот на вулкан.
На церемонијата на којашто беше откриено спомен обележје во чест на Окјокул присуствуваше и премиерката Јакобсдотир.
„Ок е првиот исландски глечер кој го загуби овој статус. Во наредните 200 години се очекува сите наши најголеми глечери да ја доживеат неговата судбина. Овој споменик е признание дека знаеме што се случува и што треба да се преземе“, стои на обележјето наречено „Писмо за иднината“.
Глациологот Одур Сигурдсон ги фотографира глечерите низ земјата во последните 50 години и тој првпат во 2003 забележал дека снегот побрзо се топи отколку што може да се насобере на Окјокул.
„Во 2014 лично проверив и глечерот не се движеше. Тој не беше доволно густ и тоа го нарекуваме мртов мраз“, изјави Сигурдсон.
Глечерите имаат големо културно значење во Исланд и, според пописот на Сигурдсон, во 2000 година ги имало повеќе од 300 низ земјата.