ИЗЛОЖБА НА ДЕЛАТА ОД СКОПЈЕ ЗА АТИНА ВО КИЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Утре во 19.30 часот во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе се отвори изложбата на уметнички дела собрани од иницијативата „Донирај уметност“.

Македонските уметници донираа околу 70 свои уметнички дела, кои во знак на солидарност ќе бидат испратени во Атина, по пожарот на 24 јули во Атика во кој загинаа повеќе од 90 жители.

Иницијативата „Донирај уметност“ на Фејсбук ја почна графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула, кој вели дека од самиот почеток целта била да се собере колекција која Градот Скопје ќе ја донира на Градот Атина. Градот ја прифати донацијата од иницијативата и ќе ги сноси сите трошоци околу испраќањето до Атина.

Во собраната збирка има графики, масла на платна, акварели, цртежи, неколку скултптури, дигитални илустрации, а најмногу има фотографии.

„Задоволен сум од одѕивот и се радувам што толку многу уметници од срце донираа дело и ја покажаа солидарноста кон настраданите. Со Градот Скопје се договоривме пред да се испрати донацијата, да се направи изложба за да може да ја видат нашите граѓани. Поради долгата процедура околу документацијата, но и за помине време додека се средат работите кај нив, донацијата ќе биде испратена на крајот на септември или почетокот на октомври“, вели Кардула.

По пожарите близу Атина, Владата на Македонија рече дека ќе даде шест, а Град Скопје еден милион денари на Грција како помош за настраданите и за штетите од пожарите.