ИЗЛОЖБА НА СКУЛПТУРИ ОД НЕНАД ТОНКИН ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, во Галеријата на Младински културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложбата „Модулар“ на Ненад Тонкин, а организаторот потенцира дека мерките на претпазливост се строго испочитувани.

„Идејата за ‘Модулар’ доаѓа од набљудувањето на градот и сосема спонтаната анализа на состојбата во него. При таа анализа, Тонкин доаѓа до идеја да ги спои потребата од естетика во јавниот простор и потребата од мултифункционални јавни простори, кои ненаметливо ни нудат содржини и значења и нѐ мотивираат да го искусуваме градот“, вели Јана Јакимовска.

Тонкин (1978) е дипломиран вајар, сценограф и професор по предучилишно воспитание, а издава и своја авторска музика. Од 2014 година има реализирано четири самостојни ликовни изложби во Гевгелија, Кичево, Скопје и една онлајн и учествувал во повеќе групни изложби во Македонија, Италија, Германија, Словенија и Црна Гора. Компонирал музика за повеќе од 10 театарски претстави и работел сценографија за театар и филм.