ИЗЛОЖБА ЗА ЗАГРОЗЕНОТО АРХИТЕКТОНСКО НАСЛЕДСТВО ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, во галеријата на Младински културен центар ќе се отвори изложбата „Загрозен модернизам: архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба“.

Изложбата претставува сегмент од научно-истражувачкиот проект „Загрозен модернизам“, насочен кон препознавање, проучување, вреднување и промоција на архитектонското наследство од периодот на модерната во Македонија. Автори на истражувањето и изложбата се: доц. д-р Ана Ивановска-Дескова, доц. д-р Горан Мицковски, вонр. проф. д-р Елизабета Касапова и вонр. проф. д-р Јован Ивановски.

„Целта на истражувачкиот проект е повеќезначна. На документарно ниво, да пронајде и собере значаен историски материјал во форма на проектна документација, цртежи и фотографии; на научно-истражувачко ниво, да изврши вреднување на избрани примери на архитектонското наследство и да ги утврди главните фактори кои довеле до нивно загрозување; на педагошко ниво, резултатите од истражувањето да ги направи видливи за стручната и пошироката јавност, со цел подигање на свеста за вредностите на градителското наследство од периодот на модерната“, велат авторите на проектот.