ИЗЛОЖБАТА „ПАРИСКИ РЕФЛЕКСИИ 2“ ОД ДЕНЕСКА ПОСТАВЕНА ВО ЧИФТЕ АМАМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

„Париски рефлексии 2“ е насловена изложбата која од денеска е отворена во Чифте амам, објектот на Националната галерија на Северна Македонија.

Станува збор за второ издание на оваа изложба, која опфаќа дела на втората генерација македонски уметници кои биле на студиски престој, имале изложби или на некој начин во дел од нивното творештво биле поврзани со Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност.

Оваа селекција се однесува на авторите родени до 1930 година кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна, сѐ до 1970-ите: Вангел Коџоман, Василије Поповиќ-Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија. Сите претставени дела се дел од колекцијата на Националната галерија.

(Фото: „Мотив од Париз“, Вангел Коџоман, 1955)