Вечерва (17 јули) на Скопско лето, во 20:30 часот во Куќата на ДЛУМ (Илинденска бр. 63) ќе се отвори изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) насловена „Скопски урбани приказни“.
Куратори на изложбата се Уметничкиот совет и Маја Чанкуловска-Михајловска.
„Базирајќи ја идејата на годинешното издание на ‘Скопски урбани приказни’ врз поимот ‘дом’, почетните асоцијации сугерираат директна врска со конкретниот простор – куќата во која после седум и пол децениско работење е сместено Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
Домот како (не)постоечки реален или апстрактен простор на поврзување со личните, семејните или општествените фрагменти и референци, но и пошироките наративи (како што е примерот за ‘неистражената’ историја на ‘новиот’ дом на ДЛУМ) е простор на интимни доживувања, но и поттикнувач на критичка корелација со политиките на заедницата и општеството, вклучително и глобалните миграциски политики и кризи. Уметниците Ана Ивановска, Доротеј Нешковски, Шќипе Мехмети, Сашо Блажес, Марина Лешкова, Давор Кешкец и Сокол Марковски, преку различни медиуми и инакви перцепции ги претставуваат своите толкувања за Домот не само како физички димензионирана структура, туку и како (ин)директно чувство на припадност, опуштеност и сигурност, како простор кој ја дефинира идентитетската определба, утопијата, реалноста“, вели Чанкуловска-Михајловска.