Македонскиот уметник Јане Чаловски ќе биде дел од изложбата „Урбан текст, овој простор наречен Балкан“ во Париз, што ќе трае од 15 септември до 11 декември. Преку неа ќе се прикаже комплексноста на Балканот како мултикултурна територија со променливи дефиниции.
Чаловски се претставува со неговата најнова инсталација „Ефектот на преостанатото“, која е слика на веќе непостоечката архива од поранешниот Завод за урбанизам и архитектура во Скопје.
Освен Чаловски, на изложбата ќе учествуваат уште 14 уметници од балканските простори, а ќе ја отвори градоначалничката на Париз, Ана Идалго. Претставувањето на Чаловски е дел од годишната програма на здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектниот простор Прес ту егзит“ од Скопје.