КАЛИФОРНИЈА ЗАБРАНУВА ПРОИЗВОДИ ОД КРЗНО И УЧЕСТВО НА ЖИВОТНИ ВО ЦИРКУС

Лос Анџелес, (Гардијан)

Калифорнија ќе стане прва сојузна држава во САД која ќе забрани продажба и производство на производи од крзно, објави гувернерот Гевин Њусом.

Таа исто така ќе го следи примерот на Хаваи и Њу Џерси и ќе забрани учество на повеќето од животните во циркус.

Новиот закон ќе стапи на сила во 2023 година и ќе се однесува на облека, обувки и рачни чанти и на него остро се спротивстави американската индустрија на крзно, вредна 1,5 милијарди долари. Таа, меѓу другото, прави производи од крзното на зајаци, чинчили и видри.

„Калифорнија е лидер кога станува збор за добросостојбата на животните и тоа сега уште повеќе го нагласуваме со оваа забрана. Со ова испраќаме и порака дека на убавите диви животни како тигри и мечки не им е местото на трапез или да скокаат низ оган“, изјави Њусом.

Модни гиганти како „Версаче“, „Џорџо Армани“ и „Гучи“ престанаа или најавија дека ќе престанат да користат крзно.