МАРТИНИЈАН КИРИЛОВСКИ ОСВОИ 5.000 ЕВРА ЗА ПОБЕДАТА НА 34. МАКФЕСТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Мартинијан Кириловски е победникот на 34. издание на Макфест, кое синоќа заврши во Штип.

Во конкуренција на 30 изведувачи, Кириловски ја освои првата награда од 5.000 евра за композицијата „100 пати на ден“. Втората награда од 3.000 евра му припадна на дуото Александар Митевски и Драган Спасов-Дац за песната „Уште ми фалиш“, додека третопласирана беше песната „Не ѝ признавај“ на новосадската женска група „Фрајле“.

На Макфест беа доделени и неколку награди во износ од 500 евра. Наградата „Драган Ѓаконовски-Шпато“ за најдобар аранжман ја доби Иле Спасов, најдобар дебитант е Славица Ангелова, а најдобар сценски настап имаше Мартија Станојковиќ.

За одбележување е што Росана Сариќ-Тодоровска настапи на Макфест по 20-годишна пауза и не само што ги собра аплаузите од публиката, туку и ја доби наградата за најдобра вокална изведба.

Т. ЈОВАНОВСКИ