Камерниот оркестар на Битола ќе одржи концерт во Националната опера и балет (НОБ) во Скопје на 27 ноември со најголемите Ем-Ти-Ви хитови од 1980-ите и 1990-ите.
„Ова не беше само музички период, тоа беше ера која ја дефинира иднината. Ќе имаме шанса повторно да ги доживееме историските моменти од хитовите на Ем-Ти-Ви од ова време“, велат од Камерниот оркестар.
Најавуваат преку 100 учесници, од кои 10 ќе бидат домашни и странски пејачи, оркестар во полн состав и балетски играчи при НОБ. Ќе се свират и пеат најголемите хитови на Тина Тарнер, Витни Хјустон, Мајкл Џексон, Шер, „Аеросмит“, Рики Мартин, Алана Мајлс, Чака Кан, Мадона и други. Влезниците се продаваат по цена од 600 до 1.000 денари.
Камерниот оркестар на Битола е формиран пред 20 години, но на 4 јули оваа година ја славеше десетгодишнината од своето возобновување по пауза од неколку години. Има организирано над 140 концерти во земјава и странство со повеќе од 20 диригенти и 100 солисти од класичната музика и поп пејачи. Од 28 јуни Камерниот оркестар е регистриран како национална установа.