Со доаѓањето на 2018 година, Калифорнија стана најголемата американска сојузна држава што ја легализираше рекреативната употреба на канабис.
Лицата над 21 година ќе смеат да поседуваат 28 грама и дома да одгледуваат најмногу шест стебла марихуана.
Аналитичарите предвидуваат дека Калифорнија од овој бизнис ќе заработи десетици милијарди долари во наредните години.
Жителите на Калифорнија ја изгласаа оваа одлука пред 14 месеци, на референдумот што се одржа паралелно со претседателските избори.
Досега се издадени дозволи за отворање на десетици продавници за продажба на производи од марихуана, но не и во Лос Анџелес и Сан Франциско.
„Првите година-две ќе бидат хаотични. Градовите се договорија да имаат свои сопствени регулативи и дистрибуција и во првите две години може да има луди флуктуации во цените“, вели аналитичарот Трој Дејтон.
Сепак, тука лежи и голем потенцијал. Се проценува дека црниот пазар на канабисот годишно заработуваше 5,1 милијарда долари.
Калифорнија беше првата сојузна држава во САД која ја легализираше медицинската марихуана во 1996 година.