Пред шест месеци, Канада стана прва високоразвиена држава на светот која целосно ја легализираше марихуаната, но овој храбар експеримент сè уште се соочува со многу проблеми.
Легалните производители не беа спремни да одговорат на наглата преголема побарувачка, па продавниците со недели чекаа нови нарачки, за тоа време останувајќи празни. Во меѓувреме, корисниците се вратија на старите навики, свртувајќи се кон црниот пазар, токму она што премиерот Џастин Трудо мислеше дека ќе го искорени со легализацијата.
Според владини податоци од јануари годинава, на црно била продадена марихуана во вредност од пет милијарди долари, наспроти легалните продажби од две милијарди.
„И кога сум распродаден, муштериите пак ќе најдат начин да купат. Водење легален бизнис со канабис е постојана борба. Секој ден губиме пари кога го немаме производот“, вели Тревор Тобин, сопственик на продавница во Лабрадор.
Голем број вакви продавници добиваат и поплаки за цените и за квалитетот на марихуаната.
„Не можете да видите што ви продаваат, ниту да мириснете. Исто така, прескапа е. Знае да биде пресува и имате чувство како да добивате премало количество“, вели Мелиса од Халифакс.
Статистиките покажуваат дека грам марихуана на црниот пазар во просек е поевтин за 36% од легално купениот.
Канада во октомври ќе ја почне втората фаза од легализацијата: продажба на храна и пијалоци кои содржат канабис.